Газда за пример: BMW за најдобриот работник, бесплатна куќа за пензионирање, курсеви за време работа…

187

Ѕвонко Поповиќ, сопственик на хрватската компанија Kanaan за производство на чипс, е поинаков од многу други газди на фирми не само во земјата, туку и многу пошироко.

Неговата компанија овој месец набавила 32 лап топ компјутери наменети за деца на вработените, кои се ученици во основни и средни училишта. Исто така, сите вработени во Kanaan, кои имаат деца кои одат на факултет во Хрватска, имаат право на стипендија од околу 200 евра месечно, а доколку ги завршат студиите немаат обврска да ги вратат парите. Оние вработени чии деца студираат машински и електротехнички факултет, со намера по завршување на студиите да се вработат во Kanaan, добиваат бесповратна стипендија од околу 470 евра месечно.

Освен тоа, сите вработени во компанијата кои подигнале кредит, од Kanaan ќе добијат бесповратна субвенција од 5% од висината на кредитот. Ако некој вработен има потреба од итна позајмица, може да смета на помош од компанијата во износ до 2.000 евра со камата од 4%.

“Јас сум дете од село, од татко земјоделец, мајка домаќинка и знам колку е тешко кога мојот татко мораше да одвои дел од парите за да ме школува мене и мојот брат и знам колку моите родители се жртвувале за нашето образување. Чувството на родителите да не можат да ги школуваат своите деца е една од најлошите карми“, вели Поповиќ за хрватски Телеграм.

На свој млад вработен, кој постојано им помагал на своите колеги кога имаат некаков проблем, кој добро ја познавал својата работа, Поповиќ му дал прилика цела година да вози луксузен BMW автомобил.

Пред две години за своите вработени, организирал курс по англиски јазик, па 15-тина вработени, во текот на работното време, учеле англиски јазик. Поповиќ на свој вработен, кој имал проблеми со видот, му платил операција, а по пензионирањето му купил куќа.

“Неодамна замина во пензија. Знаев дека живее како потстанар, па одлучив да му купам куќа и на тој начин да му се заблагодарам за 30 години работа во Kanaan. Направивме договор според којшто куќата може да биде негова до крајот на животот, а тој треба само да ги плаќа режиските трошоци“, вели Поповиќ за еден од неговите први работници.

Фирмата на Поповиќ, исто така, ги покрива трошоците за кетеринг кога на некој вработен му е роденден.

Фото: Pexels