Геопортал на Катастарот за подземната и надземната инфраструктура

37

Граѓаните и инвеститорите од денеска можат од дома да проверат дали низ нивна или друга локација за која се заинтересирани поминува инфраструктурен објект преку геопорталот што за таа намена го воспостави Агенцијата за катастар на недвижности, пишува Миа.

На геопорталот може да се видат досега евидентираните оптички и бакарни кабли, кабли за пренос на електрична енергија, гасоводи, водоводи, канализации, трафостаници, базни станици, антени и други инфраструктурни објекти.

Во случај низ земјиште на граѓанин со решена сопственост да поминува каква било инфраструктура и за тоа има имотен лист може да побара надомест од операторот на таа инфраструктура. Искуствата, според директорот на Катастарот Славче Трпески, се најчесто да се постигне договор за еднократен надомест.

“Согласно Законот за сопственост и други стварни права поминувањето на една недвижност преку друга е регулирана со службеност. Граѓаните имаат право да си ги решат имотно правните работи со имателите на овие инфраструктури по пат на службеност. Ќе треба да се договорат околу службеноста како имателот на таа инфраструктура ќе влегува во дворот на граѓанинот со цел да пристапи до инфраструктурата. Договарањето секогаш е доброволно, а во спротивно по судски пат“, рече Трпески.

Имотни листови за инфраструктурни објекти се издаваат од април лани, а од ноември се создадени услови за запишување на сите 73 различни типови инфраструктура. Во Катастарот на инфраструктурни објекти, според Трпески, досега технички се евидентирани над 23.000 километри водови од телекомуникации, електроенергетика и водовод и канализација и над 142.000 точкасти објекти од типот на базни станици, трафостаници, антени. Тоа е направено врз основа на податоците за нивната геопросторна локација со која располагаат имателите.

За веќе изградените инфраструктурни објекти, имателите се должни до април следната година 40% од своите инфраструктури да ги запишат во Катастарот, а до април 2018 комплетно да ги впишат и да добијат имотен лист.