Германците повеќе купуваат електрични автомобили

26

Бројот на нови регистрирани автомобили во Германија се зголеми во септември во однос на истиот период лани, првпат од почетокот на пандемијата, покажуваат податоците на тамошната влада.

Во септември се регистрирани 265.227 нови возила, околу 8,4% повеќе во однос на истиот период лани. Како главна причина за порастот се наведува фактот што во септември 2019 година, на сила стапија нови и построги стандарди за издувни гасови, поради што се регистрирани помалку нови автомобили.

Исто така, во септември се произведени 396.300 автомобили, што е за 11% помалку во споредба со истиот месец лани.

Најмалку се продавале стандардни возила со мотори на внатрешно согорување, додека побарувачката за електрични автомобили останала стабилна. Во септември се регистрирани 21.188 возила на електричен погон, скоро трипати повеќе во однос на истиот период лани.

Експертите проценуваат дека оваа година во Германија ќе бидат регистрирани 25% помалку нови автомобили во споредба со ланската година.

Фото: Pexels