Германија цели на 15 милиони електрични автомобили до 2030 година

16

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави во вторникот дека земјата се држи до својата цел да пушти во оптек 15 милиони електрични автомобили до 2030 година, јавува Anadolu.

Во воведниот говор на Меѓународниот автомобилски саем во Минхен, Шолц ги повика производителите на автомобили да понудат поевтини автомобили.

Тој најави и проширување на станиците за полнење на е-автомобилите.

„Целта не е нова, ново е што ја спроведуваме“, рече германскиот канцелар.

Што се однесува до конкуренцијата од Кина, која беше многу присутна на саемот, Шолц цврсто ги отфрли сите стравувања дека германската автомобилска индустрија може да заостане.

Конкуренцијата треба да нè охрабрува, а не да нè плаши“, изјави Шолц.

Тој истакна дека и претходно имало загриженост за конкуренцијата од странство, само што тогаш се работело за јапонски, а подоцна и за корејски производители.

„Германија сè уште е главен столб на автомобилската индустрија и ќе остане така. Мора да се движиме на начин што нема да ѝ наштети на животната средина, како во оваа земја, така и во целиот свет“, додаде Шолц.