Германија, Велика Британија и Грција – топ три трговски партнери на земјава

96

Во периодот јануари – декември 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – декември 2019 година, изнесува 6.423.703.000 евра и бележи пораст од  9,6% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 8.463.171.000 евра, што е за 10,3% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2019 година, изнесува 2.039.468.000 евра.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2019 година, изнесува 75,9%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Фото: Pexels