Германски Aldi отвора 100 маркети во САД

52

Германскиот дисконт Aldi објави дека планира оваа година да отвори 100 маркети во САД. Aldi, којшто веќе има над 2.000 продажни објекти во САД, продолжува забрзано да се шири на американскиот пазар.

Со ова, Aldi станува трет најголем синџир на супермаркети во САД, веднаш зад Kroger и Walmart по број на продавници. Се очекува до крајот на следната година во САД да работат 2.500 Aldi супермаркети, пренесува CNN.

Експанзијата на Aldi доаѓа во момент кога расте потрошувачката на храна и пијалаци во услови на пандемија, а во исто време се затворени кафулињата и рестораните. Според податоците на американското министерство за трговија, продажбата на прехранбени производи е за 7,9% повисока во декември 2020 година во однос на истиот период во 2019 година.

Aldi е специфичен по тоа што има евтин бизнис модел и може да се пофали дека неговите цени се и до 50% пониски од традиционалните супермаркети. На околу 12.000 квадратни метри, неговите продавници се многу помали од традиционалните во Америка, коишто се протегаат на површина од 40.000 метри квадратни. Во асортиманот на Aldi најчесто се наоѓаат производи од сопствениот бренд на германскиот трговец.

Aldi првата продавница во САД ја отвори во 1976 година, но последните години вложи над пет милијарди долари за реновирање на постоечките и отворање на нови продавници.

Фото: Facebook