Глобалната елита повикува на големо ресетирање – што значи тоа

117

Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија се одржува секоја година во јануари, но оваа година, поради пандемијата, се одржуваше во виртуелно издание. Основачот на Светскиот економски форум (СЕФ), Клаус Шваб, на овогодинешниот самит ја претстави можеби најамбициозната агенда досега. А оваа агенда може да се сумира во фраза која кружи низ јавниот простор со месеци, предизвикувајќи полемики и сомнителност, а станува збор за “големото ресетирање“ (Great Reset).

“Кризата со Ковид-19 ни покажа дека нашите стари системи веќе не се соодветни за 21 век“, рече Шваб на самиот самит, што се одржа од 25 до 29 јануари, пренесува Index.

На што точно мислат Шваб и неговите колеги од СЕФ, кога зборуваат за “големото ресетирање“?
На последниот самит, одржан во јуни минатата година на оваа тема, тие објаснија дека станува збор за иницијатива за ресетирање на капитализмот како стратегија за успешно закрепнување од пандемијата и како последица на тоа економската криза, но и нееднаквоста која само се продлабочи во коронската криза. Оваа реформа ќе биде водена од концептот на нов “ акционерски капитализам“ (stakeholder capitalism).

Големото ресетирање, објасни Шваб, ќе има три клучни компоненти. Првиот е акционерска економија, вториот е да се изгради инфраструктура на “поотпорен, правичен и одржлив“ начин, воден од еколошката, социјалната и политичката метрика. Третата компонента би била “искористување на иновациите на четвртата индустриска револуција“ за јавното добро.

Предлозите во рамките на реформата вклучуваат подобрување на фискалната политика, даночна реформа, вклучително и поправедни даноци на богатство и користење на искуствата од здравствените и фармацевтски одговори.

Фото:Pixabay