Годишно 32.000 жители се иселуваат од Србија

30

Секоја година преку 32.000 луѓе ја напуштаат Србија, а најмногу од нив одат во Германија, околу 9.000. Австрија е втората ветена земја, а Словенија третата најпожелна “втора татковина” за Србите, пишува Политика.

Словенија е ветена земја за “белите мантили”, а освен лекари, стоматолози и фармацевти, во оваа земја заминуваат и медицински сестри, кои најчесто се вработуваат во домови за стари лица.

Јелена Предојевиќ Деспиќ, истражувач од Центарот за демографски истражувања при Институтот на општествени науки, објаснува дека лицата што се иселуваат главно одат во средини во кои веќе постојат емигрантски заедници.

“Кога се анализира образовниот профил на емигрантот, се добива податокот дека најобразованите главно ги пакуваат куферите и дипломите и одат за САД и Канада, а најмалку образованите одат во Австрија”, истакнува Предојевиќ Деспиќ.

Истражувањето на Институтот покажува и дека една четвртина од емигрантите сигурно нема да се врати во Србија, 40% не се сигурни во своето евентуално враќање, додека секој десетти испитаник вели дека сигурно ќе се врати во својата татковина.