Град Скопје набави Nissan Leaf на електричен погон

46

Град Скопје стана првата локална самоуправа во Република Македонија што набави патнички автомобил на електричен погон (електромобил) за потребите на градската администрација. Новото електрично возило е од марката Nissan Leaf.

“Со набавката на овој електричен автомобил Градот Скопје стана првата локална самоуправа во Република Македонија што набавила електрично возило. На овој начин ја потврдуваме заложбата за електромобилност во Скопје, со примена на нови технологии, движење со нула емисии на штетни издувни гасови, почиста и поздрава животна средина и намалување на трошоците за одржување. Ова возило е со 5 врати, со електричен серво управувач, со моќност на моторот од 80 киловати и батерија од 24 kwh. Со обичен приклучок возилото се полни околу 10 часа, а со посебен приклучок – за околу 4 часа. Целосното полнење на батеријата (на евтина струја) чини 67 денари, со која автомобилот поминува 190 километри. Она што е најважно е што емисијата на јаглерод диоксид е 0% со што директно придонесуваме за почиста и поздрава животна средина“, рече вчера градоначалникот Коце Трајановски.

За набавка на овој електричен автомобил Градот Скопје потроши околу 1,8 милиони денари со ДДВ. Возилото е набавено од фирмата ТД Ка – дис ДОО Скопје.

Градот Скопје, како што рече тој, е прва локална самоуправа во Република Македонија којашто набави пет електроскутери и пет електровелосипеди за потребите на градската администрација.

За полнење на електричните автомобили на сопствениците на располагање им се двата полначи за електрични возила во катната гаража Тодор Александров, на улицата Даме Груев и во катната гаража Македонска фаланга, на улицата Свети Кирил и Методиј. Полнењето и паркирањето на електричните возила во овие две катни гаражи е бесплатно.