Градат паметен град со 42.000 станови, а цената ќе ве изненади

167

Во Сингапур се планира изградба на 42.000 домови во паметен град.

Сингапур е држава каде што над 80% од жителите живеат во јавни домови. Новото живеалиште што ќе го гради владата ќе биде паметен, еколошки град наречен Тенгах и ќе има централизирано ладење, автоматизиран систем на собирање отпад и центар без автомобили, што би требало да ги намали штетните емисии, коишто се голем проблем за овој град-држава во Југоисточна Азија.

Властите го нарекуваат проектот “шумски град“ бидејќи ќе изобилува со зеленило и јавни градини. Исто така, проектот со 42.000 домови ќе се реализира на просторот на некогашни фабрики.

“Целиот сообраќај во Тенгах ќе биде подземен, така што градот ќе им биде отстапен на пешаците, на луѓето. Сакаме град кој овозможува безбедно пешачење и возење велосипед“, вели Чонг Фок Лонг, директор на агенцијата која управува со јавното домување во Сингапур.

Иако има само шест милиони жители, Сингапур има повеќе штетни емисии по жител од Велика Британија, Кина и Малезија. Ова делумно се должи на уредите за ладење, на кои отпаѓа една третина од потрошувачката на енергија во домовите.
Метеоролошката служба на Сингапур предвиде дека до крајот на овој век просечните дневни температури во градот-држава може да бидат најмалку 34,1 Целзиусови степени речиси секој ден во текот на осумте најтопли месеци од година.

Цените на двособните апартмани почнуваат од 82.000 долари, а првите станови треба да завршат во 2023 година.

Сите жители ќе имаат пристап до апликација што ќе им овозможува да ја следат нивната употреба на енергија и вода. Дигиталните екрани во секој блок во меѓувреме ќе ги информираат станарите за нивното колективно влијание врз животната средина, што дури може да ја поттикне конкуренцијата меѓу станбените блокови.

Фото: YouTube Printscreen