Границата за заминување во пензија ќе ја поместуваат до 2032 година

Од 2021 година важат нови правила за пензионирање на жени во Србија, што значи дека секое барање што ќе биде поднесено оваа година ќе подлежи на нови и поригорозни услови. Додека условите за пензионирање на жени се менуваат, за мажите, барем засега, остануваат на граница од 65 години.

Законот за пензиско и инвалидско осигурување во Србија е изменет во 2014 година. Од тој момент за жените секоја година се менуваат условите за пензионирање и тоа по правило старосната граница да се помести во распон од два до шест месеци годишно.

Така ќе биде сè до 2032 година кога жените ќе можат да одат во пензија со навршени 65 години, што е две години повеќе од денес, пренесува Biznis i finansije.

Оваа година жените во Србија може да одат во пензија со 63 години и два месеци, наместо 63 години колку што беше потребно за пензионирање во 2020 година.

Она што е еднакво за двата пола е правилото по коешто мажите и жените можат редовно да се пензионираат со 45 години стаж, без оглед на староста. Услов е работодавачите во текот на целото време редовно да им исплаќале придонеси.

Фото: Pexels