Грција воведува микрочипови за следење на добитокот по скандалот со земјоделските субвенции

Грчката влада планира да воведе микрочипови за следење на домашните животни и нивно регистрирање во дигитална база на податоци, со цел да се врати довербата во управувањето со земјоделските субвенции по неодамнешниот скандал со измама и злоупотреба на субвенциите од ЕУ.

Според акцискиот план што беше доставен до Европската комисија, новиот систем треба да овозможи прецизно евидентирање и следење на секое животно, објавува „Еурактив“.

Додека не стане целосно оперативен, бројот на грла ќе се проверува преку фактури за продажба на млеко и месо, како и евиденција за купување храна за животни.

Европскиот јавен обвинител претходно откри злоупотреби во кои сточарите на Крит пријавиле нереално голем број кози и овци во споредба со капацитетите на островот. На овој начин, земјоделците нелегално добиле повисоки субвенции од Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), објаснува бриселскиот портал.

Од 2020 година, бројот на регистрирани животни во Грција скокнал од 2,2 милиони на дури 7,8 милиони, што претставува околу 45 проценти од вкупниот добиток во земјата.

Во планот, владата се обврза и на креирање нова дигитална геопросторна мапа на државата, како и на развој на алатка за проверка на сопственоста на земјоделските парцели.

Во исто време, незадоволните грчки земјоделци најавија протести во Атина на 11 ноември, поради, како што велат, лошиот одговор на властите на аферата што ја потресе земјата.

Минатиот месец, најмалку 37 лица беа уапсени низ цела Грција како дел од истрагата за лица кои фалсификувале сопственост на земјиште и добиток за да добијат земјоделски субвенции од Европската Унија.

Грчката полиција проценува дека осомничените добиле 20 милиони евра субвенции помеѓу 2018 и 2022 година, а дека околу половина од таа помош е добиена нелегално.

Претресите беа спроведени во соработка со грчката полиција и Европското јавно обвинителство (ЕППО).

Порано оваа година, европските обвинители изјавија дека пронашле докази дека земјоделците и некои владини претставници ја измамиле Европската Унија за да добијат субвенции, почнувајќи најдоцна од 2019 година.

Грчкото обвинителство започна истрага за владината агенција ОПЕКЕПЕ, која управува со земјоделските субвенции и годишно распределува околу 2,5 милијарди евра помош.