Грејната сезона може и да почне и порано, топли радијатори од шест часот наутро

88

БЕГ, ЕСМ Енергетика и Скопје Север ги имаат направено сите неопходни подготовки за старт на грејната сезона и се целосно подготвени и не очекуваат никакви проблеми. Поради инвестиции во дистрибутивната мрежа на БЕГ и оптимизирање на нивните капацитети за производство на топлинска енергија, потрошувачите топлинската енергија ќе ја добиваат околу 6:00 часот, особено во Аеродром, Кисела Вода, Дебар Маало и Карпош Еден, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски, пренесува МИА.

Вообичаено, додаде тој, грејната сезона започнува на 15 октомври и трае до 15 април наредната година. Снабдувањето со топлинска енергија може да започне и од први октомври доколку прогнозата за средната надворешна температура за следниот ден во периодот од први до 15-ти октомври е помала или еднаква од 12 степени целзиусови, според податоците на УХМР.

Тој на денешната прес-конференција посочи дека на барање на РКЕ денеска се одржа координативен состанок со снабдувачите на топлинска енергија Снабдување со топлина БЕГ, ЕСМ Енергетика и Скопје Север. Претставниците на енергетските компании, како што кажа, разговараа со регулаторите за подготвеноста на топланите за снабдување со топлинска енергија во пресрет на новата грејна сезона 2020/2021 година.

“Добивме информација од компаниите кои вршат дистрибуција и снабдување со топлинска енергија дека се во постојана комуникација со потрошувачите со цел да ги подготват и системите кои ги има секое домаќинство. Уверени се дека се 100% подготвени за новата грејна сезона. Особено нè радува што производството на топлинска енергија од когенеративната постројка ТЕ-ТО ќе биде значително поголемо оваа грејна сезона отколку во претходните што е добро бидејќи нивната цена втора година по ред е за 15% пониска од цената на топлинската енергија која ја даваат топланите“, рече Бислимоски.

Фото: Pixabay