Групација Агрокор, вонредно управување – клучни факти и последици

69

konzum

Агрокор својата историја почна да ја гради во 1976 година како компанија за производство на цвеќе и цветни садници, а 40 години потоа се шири низ разновидни дејности.

Во портфолиото на Агрокор се наоѓаат повеќе од 60 компании. Најголем дел од работењето сочинува трговијата на мало (80%). Во трговијата на мало најголема компанија е трговскиот ланец Конзум, словенечки Меркатор и најголемиот малопродажен синџир на киосци Тисак.

Втората група се однесува на храна и земјоделие, којашто опфаќа околу 17% од работењето. Областа на храната опфаќа производство на масло, маргарин, сладолед, замрзната храна, вода, пијалаци, месо и земјоделие. Во овој сегмент работат компаниите Агролагуна, Јамница, Ледо, ПИК Врбовац, Звијезда и други.

Агрокор почна да се шири и надвор од својата основна дејност (малопродажба и производство на храна) и влезе во здравството, купувајќи ја во 2012 година приватната поликлиника Авива, а истата година влегува и во туризмот, стекнувајќи удел во туристичката агенција Гуливер Травел.

Групацијата Агрокор влезе и во областа на информатичката технологија, па така во 2010 година основана е компанијата mStart којашто ја разви платформата за онлајн трговија Abrakadabra. Хрватскиот гигант влезе и во градежниот бизнис, купувајќи ја компанијата Пројектградња од Славонски Брод.

Групацијата Агрокор вработува 60.000 луѓе, од кои 40.000 во Хрватска и директно влијае на 2% до 3% од хрватскиот БДП.

Но, минатата година почнаа проблемите на овој гигант. Според хрватските аналитичари, преголемиот залет во земјоделското производство со помош на скапи обврзници и прескапата авантура со аквизицијата на словенечки Меркатор се клучните грешки на првиот човек на Агрокор, Ивица Тодориќ. Долгот на Агрокор кон кредиторите изнесува 3,4 милијарди евра, а кон добавувачите 2,2 милијарди евра.

Минатиот месец беше потпишан стандстил договор помеѓу банките членки на координативниот одбор на финансиски кредитори и Агрокор. Целта на стандстил договорот е да се олеснат напорите на компанијата во решавање на прашањето на ликвидност и порамнување на обврските, обезбедување континуирано работење и заштита на вредноста на концернот и негово одржливо реструктуирање.

Во продолжение пренесуваме текст од SELA (South East Legal Alliance – SELA), регионална мрежа на независни адвокатски друштва и канцеларии кои овозможуваат правни услуги на клиенти во врска со нивното работење во Југоисточна Европа, за воведувањето на вонредно управување и како целата ситуација ќе влијае во земји надвор од Хрватска.

agrokor-logo

Групација Агрокор, вонредно управување – клучни факти и последици

По усвојувањето на Законот за вонредно управување во трговски друштва од систематско значење за Република Хрватска (понатаму како: Законот), во една од најголемите групации на трговски друштва во Хрватска, Групацијата Агрокор, е воведено вонредно управување на 10 април 2017 година.

Агрокор д.д. е холдинг компанија, чии главни трговски дејности се производство и дистрибуција на храна и пијалаци и малопродажба.

Доверителите на Групацијата Агрокор имаат 60 дена од почетокот на постапката да ги пријават своите побарувања до вонредниот управител.

Подолу се претставени најважните карактеристики од постапката на вонредно управување.

Управување со друштвото

Процесот на реструктуирање е управуван од страна на извршен орган (вонреден управител) назначен од страна на надлежен суд, по предлог на Владата. Вонредниот управител ќе го води деловниот потфат на друштвото во рамки на редовното работење, но за сите располагања над 3,5 милиони куни (приближно 0,53 милиони американски долари / 0,5 милиони евра) вонредниот управител ќе мора да добие дозвола од советот на доверители.

Пријавување и признавање на побарувања

Крајниот рок за пријава на побарувањата на доверителите (дури и оние побарувања кои не се доспеани во времето на отворање на постапката) е 60 дена од отворањето на постапката на вонредно управување. Процесот на признавање на побарувањата е скоро идентичен како оној во стечајна постапка.

Мирување

По отворањето на постапката на вонредно управување, сите тековни постапки (вклучувајќи ги парничните, извршните, стечајните или прет-стечајните постапки, но исклучувајќи ги споровите кои се однесуваат на работни односи) се запираат и не може да се иницираат нови без инструкција на судот (ако одредена поднесена пријава на побарување е оспорена).

Други последици од започнување на постапката на вонредно управување

Генерално, одредбите кои се однесуваат на стечајната постапка кои ги предвидуваат последиците од отворање на стечајна постапка се применливи и во постапката на вонредно управување. Сепак, постапката на вонредно управување има неколку значајни разлики од стечајната постапка. Некои од најзначајните разлики се следните:

  • вонредниот управител може (со согласност на советот на доверители) да преземе нови задолжувања по пат на позначаен долг – ако таквото позајмување е неопходно за редуцирање на системски ризици, продолжување на деловниот потфат, зачувување на средствата или ако исплатите произлегуваат од “редовно или оперативно деловно работење”
  • позајмувачите на позначајниот долг ќе имаат приоритет пред сите останати доверители, освен моменталните и претходните работници; приоритетот ќе се задржи дури и во случај на отворање на стечајна постапка, по завршувањето на постапката на вонредно управување;
  • вонредниот управител може (со согласност на советот на доверители) да врши исплати на одредени побарувања кои биле доспеани пред отворањето на постапката на вонредно управување – ако таквите исплати се неопходни за редуцирање на системски ризици, продолжување на деловниот потфат, зачувување на средствата или ако исплатите произлегуваат од “редовно или оперативно деловно работење”;
  • иако генералната забрана за течење на парнична/извршна постапка против должникот е иста како кај стечајната постапка, постапката на вонредно управување спречува поединечна наплата на обезбедени побарувања преку наплата со преземање на колатералот.

Законот предвидува постигнување на договор за реструктуирање во рок од најмногу 15 месеци – ако договорот не се постигне во овој рок, постапката на вонредно управување ќе се заврши.

Одредбите на самиот Закон, како и отворањето на постапката на вонредно управување над Групацијата Агрокор покрена серија на прашања и загриженост во Хрватска и надвор од нејзините граници. Се очекува Законот и/или отворањето на постапката на вонредно управување над Групацијата Агрокор да бидат оспорени во однос на нивната усогласеност со хрватскиот устав и европското законодавство.

Влијание надвор од Хрватска

Со оглед на тоа дека Агрокор е застапен во целиот југоисточен регион на Европа, напорот за опоравување на Агрокор може да има влијание во други држави како што се Словенија, Србија или Босна и Херцеговина. Како што беше објавено, владата на Словенија усвои акт со кој се овластува назначување на државни службеници на владата да членуваат во одбори на трговски друштва чија иднина е неизвесна и кои имаат повеќе од 6.000 работници и годишни приходи над милијарда евра. Неофицијално, целта на актот е превенција на одлив на средства од словенечките подружници на Агрокор кон Агрокор.

За SELA

SELA (South East Legal Alliance – SELA) е регионална мрежа на независни адвокатски друштва и канцеларии кои овозможуваат правни услуги на клиенти во врска со нивното работење во Југоисточна Европа. Членките на алијансата се едни од врвните адвокатски друштва во нивните јурисдикци, овозможувајќи целосен спектар на правни и деловни услуги за локални и меѓународни трговски друштва и деловни потфати. Препознатливи индивидуално по нивната експертиза и репутација во нивните држави, здружени во SELA, нудат унифициран тим со силна експертиза во државите на Југоисточна Европа, искуство во прекугранични трансакции и извонредна услуга.

https://www.selegalalliance.com/whats-happening/insights/agrokor-group-emergency-administration-key-facts-and-consequences

Фото: Агрокор