Гувернерот на Бундесбанк: Во споредба со другите, Германија добро стои

12

Германската економија се бори и тешко дека ќе зачекори во закрепнување, но гувернерот на германската централна банка Јоаким Нагел оценува дека слабоста е привремена, отфрлајќи мрачно сценарио.

„Германија не е болесник на Европа“. Мислам дека тоа е погрешна дијагноза која многумина ја земаа здраво за готово“, изјави Нагел за деловниот весник „Ханделсблат“, додавајќи дека треба да се покаже поголема доверба, пишува ДПА.

Во текот на зимата, Германија забележа пад на бруто домашниот производ во последователни квартали и со тоа падна во таканаречена техничка рецесија.

Во вториот квартал од 2023 година економијата стагнира, а силната инфлација, слабеењето на потрошувачката и кревката светска економија создаваат главоболка за домашната индустрија.

„Германија сè уште и оди добро во споредба со другите, генерално, не само во однос на стапката на вработеност и одржливоста на долгот“, рече Нагел, додавајќи дека не треба да се дозволи етикетата „Произведено во Германија“ да стане потценета.

Германскиот економски модел не е застарен, иако треба да се ажурира, ова вклучува транзиција кон обновливи извори на енергија, дигитализација и зајакнување на отпорноста во меѓународната трговија, објасни гувернерот.

Нагел се приклучи на жестоката јавна расправа за субвенционирана струја за индустријата, велејќи дека ваква мерка не е потребна.

„Широките субвенции ретко помагаат на долг рок, бидејќи тие го поттикнуваат одржувањето на структурните недостатоци и ја игнорираат потребата за промени“, рече тој, додавајќи дека „ако економијата треба да се прилагоди, пазарните сигнали не треба да се задушуваат, туку компаниите мора да се соочат со со предизвикот на поскапувањата“.