Холандија влезе во рецесија

25

Холандската економија влезе во рецесија откако се намали за 0,3 отсто во вториот квартал во споредба со претходниот, според првата проценка објавена од националната агенција за статистика во средата.

Петтата по големина економија во еврозоната забележа пад втор квартал по ред, по падот од 0,4 отсто во првите три месеци од оваа година.

Технички, една земја е во рецесија ако економијата опаѓа во два последователни квартали.

Холандскиот економски раст во 2021 и 2022 година изнесуваше близу 5 отсто, како резултат на закрепнувањето од падот предизвикан од Ковид-19, пренесуваат агенциите.

Првата рецесија по пандемијата беше предизвикана од падот на личната потрошувачка и извозот, поради високата инфлација што ја поскапи храната и ги зголеми сметките за енергија во Холандија и нејзините трговски партнери. Потрошувачката е намалена за 1,6 отсто, а извозот е за 0,7 отсто помал во однос на првите три месеци од годинава.

Инфлацијата во Холандија забавува откако достигна врв од 14,5 отсто во септември минатата година, но сепак останува релативно висока на околу 6 отсто во вториот квартал од 2023 година.