Хрватска се подготвува за нормална летна сезона, во Белград ќе се организира концерт

58

Хрватска се подготвува за враќање во нормала и  враќање на летната туристичка сезона. Хрватските угостители се договорија со Штабот за цивилна заштита за сите детали од планот за враќање на нормалното во индустријата за свадби, настани и концерти. Првиот чекор ќе биде да се направат проби и ако сè оди како што треба, концертите и традиционалните големи свадби ќе се вратат.

Угостителите се согласија дека во четврток прво ќе направат пробен деловен настан од четири часа, каде што ќе има гости кои примиле две дози на вакцина. Седум дена подоцна, гостите ќе бидат тестирани за да видат како поминала пробата, објасни Жаклина Троскот, претседател на Независното здружение на угостители.

Во сабота ќе следи пробна симулација на венчавка. 

“Околу 120 гости, вакцинирани со две дози или оние кои ја прележале короната во изминатите 180 дена и оние со негативен тест ќе присуствуваат на класична церемонија со вечера и музика во живо“, рече Троскот. По свадбата следат пробни концерти што ги чека целата индустрија за настани, која живее само од државна помош. Во последната година, само еден концерт се одржа на сцената на популарната фабрика за култура во Загреб, и тоа само минатиот месец.

Инаку исто така и во Србија ќе започне сличен експеримент. Заменик – градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, најави дека ќе биде извршен контролиран експеримент за ширењето на коронавирусот, какви што беа направени во Барселона, Амстердам и други градови.

“Експериментот подразбира организација на концерт, а ќе биде утврдено кој ќе дојде на настанот, дали само вакцинирани или ќе бидат потребни тестови за антитела, негативни ПЦР тестови итн. Сите луѓе што ќе присуствуваат ќе бидат следени после тоа и можете да бидете сигурни дека српската наука ќе се покаже како успешна и дека сите ќе ги пренесат резултатите од студијата“, рече Весиќ.

Тој кажа дека Градот ќе плати за логистиката, а експертите ќе направат медицинска студија.

Фото: Pixabay