Хрватската компанија Док-Инг се подготвува да претстави нов градски електричен автомобил создаден според технологијата на моделот Loox, но ценовно поевтин два до три пати од него. Новиот е-автомобил ќе биде лансиран скоро во исто време кога државата ќе почне со сувбенционирање на купување електрични автомобили, пишува Пословни дневник.
Сопственикот и директор на Док-Инг, Вјекослав Мајетиќ, вели дека е свесен дека за првиот модел Loox, кој влегува во повисока класа на возила и чини околу 60.000 евра, нема да има многу заинтересирани граѓани дури ни со субвенции.
“Затоа за месец до два во Хрватска ќе дојдат првите примероци на нашиот нов електричен автомобил со цена од 20.000 евра, за која верувам, кога ќе се намали со субвенциите, ќе биде многу конкурентна”, вели Мајетиќ и додава дека новиот модел ќе биде типично градски автомобил.
Фондот за заштита на животната средина и енергетска ефикасност, заедно со ресорното министерство, од април планираат на граѓаните и фирмите да им даваат субвенции од 4.000 до 9.000 евра за купување на електрични, plug-in хибридни и хибридни автомобили.
Компанијата Док-Инг е препознатлива по производство на роботски возила за разминирање, подземно рударство и пожарникарство. Основана е во 1991 година, има околу 300 вработени и годишно остварува извоз од 30 милиони евра. Најголеми купувачи и се американското и австралиското министерство за одбрана. Нивните машини во подземните рудници за платина во Јужна Африка работат од 2003 година. Единствени се по технологијата на далечинско управување и димензии кои овозможуваат работа и во исклучително ниски и непристапни рудници.