Хрватски Rimac Automobili го вработи поранешниот потпретседател на Тesla

81

Хрватската компанија Rimac Automobili во својот тим добива уште еден експерт. Крис Порит, еден од поранешните потпретседатели на американската компанија Tesla, главната личност за проектот One-77 во Aston Martin и член на Apple за специјални проекти, веќе е на позицијата главен технолошки директор (Chief Technology Officer – CTO), пренесуваат хрватските медиуми.

Ова е исклучителна аквизиција за Rimac Automobili затоа што Крис е еден од најинтересните луѓе во автомобилската индустрија, пишува Netokracija. Тој ја започна својата кариера во британскиот гигант Land Rover каде што работеше уште од факултет, а во моментот на заминување беше еден од главните инженери во одделот Vehicle Dynamics, во 1997 година. Следните 16 години беше дел од тимот на Aston Martin.

Во неговата кариера долга три децении, Порит го надгледуваше развојот на низа спортски и електрични возила. Во Aston Martin бил главен инженер за ограничено производство на One-77 и V12 Vantage Zagato.

Во 2013 година, Порит се пресели во Калифорнија каде стана потпретседател за инженерство во Tesla, а потоа се пресели во Apple каде имаше водечка улога во група за специјални проекти за развој на нови производи.

“Го започнавме нашето патување во земја којашто не е позната по развојот на автомобили. Научивме многу преку проба и грешка бидејќи беше тешко да се привлечат луѓе од други земји, што го направи целиот процес предизвик, но и возбудлив. Не можам да замислам какво би било нашето патување и колку далеку ќе бевме сега ако го имавме Крис од самиот почеток. Бев загрижен дека луѓето со многу искуство во индустријата нема да одговараат на нашата култура и дух на компанијата. Сепак, како апсолутен љубител на автомобили, кој сака да се вклучи во создавање нови проекти, Крис се вклопува уште од самиот почеток. Ние го делиме истиот начин на размислување: сакаме да развиваме автомобили кои го подигнуваат нивото, се забавни и квалитетни. Едвај ги чекам резултатите што ќе ги постигнеме заедно“, изјави Мате Римац, основач и извршен директор на Rimac Automobili.

Фото: rimac-automobili