Хуманитарна акција во Охрид во организација на Адора Инженеринг

32

Ванчо Чифлиганец, кумот на празнувањето Водици 2012, во саботата на големиот македонски верски празник Свети Климент Охридски, организираше  хуманитарна акција за граѓаните од Охрид.

Во рамки на хуманитарната акција, во соработка со Црвениот крст Охрид, познатиот бизнисмен подели педесет прехранбено-хигиенски пакети на социјално најзагрозените семејства од општините Охрид и Дебарца.

Целта на оваа акција беше продолжување на традицијата на хуманоста преку грижата за најранливите категории на граѓани особено за време на празниците.

“Во годината на моето кумство на Водици Охрид 2012, реализирав неколку хуманитарни акции заедно со Црвениот крст, стипендиравме двајца студенти од Охрид, го поддржавме фестивалот Охридско лето, меѓународната кајак-кану регата Охрид 2012, а во тек е процедурата за подигнување спомен обележјето за Водици кај градското пристаниште во Охрид. Се чувствувам како охриѓанец, кој многу го сака Охрид и е благословен за среќа и успех со традиционалното капење на Богојавление во Охридското Езеро. И во иднина, со семејството и компанијата ќе ги помагам Охрид и охриѓани според можностите”, порача Ванчо Чифлиганец, генерален директор на компанијата Адора Инженеринг.

Претседател на Црвениот крст Охрид Сашо Точков, на Чифлиганец му додели благодарница за хуманоста по повод неговата акција.

“Му благодариме за соработката на Ванчо Чифлиганец, со кого заедно со неговата компанија Адора Инженеринг годинава реализиравме три хуманитарни акции во кои поделивме повеќе од 150 хуманитарни пакети на социјално загрозените граѓани во охридскиот регион. Овој голем и хуман човек, треба да биде пример за останатите во државата”, изјави Точков.