
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, денес оствари средба со Сунгву Хонг, генерален менаџер на претставништвото за Европа на јужнокорејската компанија Hyundai Corporation Holdings, како и Иван Петровиќ, почесен конзул на Република Кореја и Драган Илиевски, финансиски директор на Фила Група. На средбата, со цел разгледување на можностите за инвестирање во рамките на ТИРЗ, беше дискутирано за потенцијалите кои ги нудат зоните, предностите, како и механизмите за поддршка што ги нуди државата за странските инвеститори.
Димовски ги истакна можностите кои ги нудат зоните, посочувајќи дека главната цел е создавање на уште поповолна инвестициска клима, со инвестиции кои ќе донесат висока додадена вредност. Тој нагласи дека Дирекцијата за ТИРЗ е целосно посветена на обезбедување на поддршка на странските инвеститори преку ефикасни административни процеси, стабилно и предвидливо деловно опкружување, како и олеснет пристап до современа инфраструктура и квалификувана работна сила.
Претставникот на Hyundai Corporation Holdings, Сунгву Хонг, со очекување за понатамошна соработка, изрази особен интерес за Македонија како дестинација за потенцијално проширување, посочувајќи дека компанијата е во потрага по локации кои нудат добра инфраструктура, квалификувана работна сила и поволни услови за проширување на производствените капацитети.
Иако брендот HYUNDAI најчесто се поврзува со автомобилската, машинската и тешката индустрија, Hyundai Corporation Holdings го прошири своето делување и на други сегменти, меѓу кои електрониката, хардверот и иновативните технологии. Со тоа, компанијата активно ја унапредува вредноста и препознатливоста на брендот HYUNDAI на глобално ниво. Денес, портфолиото на производи вклучува домашни апарати, преносни генератори, опрема за домаќинство и индустрија, осветлување и батерии, што претставува значаен потенцијал за технолошки развој и можности за соработка.











