И покрај пандемијата, берзата со добри резултати во 2020 година

58

Оваа lockdown година, и глобално и локално, беше одлична за берзите, вели во интервју за Локално, првиот човек на Македонската берза Иван Штериев. Анализите покажуваат дека акцискиот промет на Македонската берза во 2020 година бил повисок во однос на берзите во Белград, Софија, Подгорица, Сараево и Бања Лука.

“Во 2020 година повеќето регионални берзански индекси бележат намалување за разлика од нашиот МБИ10, којшто на последниот ден на тргување влезе во позитивна територија и ја заврши годината со благ годишен пораст од 1,20%“, посочува Штериев.

Бројките уште говорат дека вкупниот промет на берзата лани бележи зголемување од над 6%, а прометот со акции во БЕСТ системот е зголемен за 48% што претставува најголем ваков промет во последната деценија.

И во пандемија од коронавирус, нето добивка прикажале 69 друштва, а загуби евидентирале 28 друштва. Најголемиот дел од добивките се остварени во секторот банкарство, а во индустријата приматот го држи фармацијата. Загубите ги книжеле најмногу котираните друштва од секторот угостителство каде загуба бележат три од четири друштва.

Штериев има позитивни очекувања во однос на растот на цените на акциите и за 2021 година. Како клучни фактори кои ќе имаат импакт врз работењето на компаниите и берзанските трендови Штериев наведува неколку: медицински (колку брзо и ефикасно ќе се спроведе масовната вакцинација), економски (ликвидноста и задолженоста во приватниот и јавниот сектор, висината на каматните стапки и инфлацијата) и политички (изборни и постизборни случувања, трговски војни и надмудрувања). Но нема дилеми, вели Штериев,2021 ќе биде навистина возбудлива година на секој план.