И странци купуваат онлајн од македонски веб продавници

88

Имателите на платежни картички од други земји, ја зголемуваат вредноста на реализирани онлајн трансакции во корист на македонски веб продавници. Конкретно, во 2019 година од вкупно реализираниот износ најголем дел припаѓа на имателите на картички од САД, Обединето Кралство, Канада, Швајцарија, итн, анализира Асоцијацијата за електронска трговија на земјава.

Според податоците, од платежни картички од САД се потрошени 81.500.480 денари. Потоа следуваат: Велика Британија (54.971.593 денари), Канада (27.514.988 денари), Швајцарија (22.492.716 денари) и Бугарија (15.567.776 денари).

Во текот на 2019 година со домашни платежни картички во странство реализирани се вкупно 3.375.597 онлајн трансакции со вкупна вредност од 100,3 милиони евра. Од друга страна, со странски платежни картички во земјава реализирани се вкупно 170.390 онлајн трансакции со вкупна вредност од 6,85 милиони евра.

Од вкупниот износ во вредност од 100,3 милиони евра кои Македонците во текот на 2019 година го потрошиле онлајн за купување производи од странство, дури 78,4% од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на овие земји: Унгарија (1.315.275.961 денар), Велика Британија (1.310.753.568 денари), САД (507.927.733 денари), Холандија (428.855.930 денари), Ирска (388.803.808 денари), Луксембург (232.379.654 денари), Грција (182.415.010 денари), Германија (178.669.493 денари), Австрија (176.885.431 денари) и Шпанија (116.727.041 денар).

Од аспект на вредноста на трансакциите, просечна трансакција со платежни картички од земјава кон Обединето Кралство изнесува 1.012 денари, односно 5.268 денари кон Унгарија и 1.115,00 денари кон САД.

Американските картички реализирале просечни трансакции во вредност од 2.839 денари кон македонски веб продавници, додека картички од Обединето Кралство во просек плаќале по 2.305 денари.

Фото: Pixabay