Студентот по машинство од Ниш, Марко Живановиќ, има идеја за отворање на сала за вежбање во којашто корисниците додека вежбаат на справите, ќе произведуваат и електрична енергија, пишува Јужне вести.
“Кога ќе влезете во таква сала за вежбање, нема да има разлика и ќе изгледа иста како и сите останати. Но, под нејзе се наоѓаат генератори поврзани со справите и истите генерираат струја којашто оди во акумулаторите. Најпрво, таа струја ќе се користи само за салата за вежбање, за да се намали цената на струјата и членарините, а со текот на времето сакам да создадам технологија со којашто ќе може да се произведува и повеќе енергија којашто би можеле да ја понудиме за продажба“, вели тој.
Најпрво неговата сала за вежбање ќе добие генератори поврзани со справите за вежбање, а потоа ваквите уреди ќе ги нуди и на сали низ градот.
“Тие мали генератори, инаку чинат околу 100 евра, а јас би нашол начин со поевтини материјали да ги правам и продавам за најмногу 20-тина евра. На една справа би требало да има неколку десетина генератори, па ако во салата има десет справи, тие 100 мали генератори би можеле да произведат струја што е доволна за да осветли еден цел парк“, вели тој.
Доколку добие финансиска поддршка за оваа идеја, Живановиќ ќе има потреба од експерти кои ќе работат со него.