ИЕГЕ со Обука за проектирање армиранобетонски згради според Еврокодови

126

iege

Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ започнува со Обука за проектирање армиранобетонски згради според Еврокодови. Обуката се однесува на разработени три студии на случај за ниска, средна и висока дуктилност и истата е развиена врз основа на принципите на образованието на возрасни со користење на методи и техники кои помагаат за развој на нови знаења и вештини.

Еврокодовите се најсовремени технички пакети за проектирање на конструкции во светот, обезбедуваат методи чиј развој е целосно транспарентен, промовираат иновативност во проектирање конструкции и презентираат значајни можности за извоз на градежни производи, како и инженеринг услуги на европските и светските пазари.

Обуките ќе траат два месеци и се состојат од: прв месец – 30 часа настава распоредена по термини во текот на целиот месец  и втор месец – изработка на проектна задача. Проектната задача се брани пред комисија од предавачите на обуките. Модулите ќе бидат водени од експерти во своите области и докажани професори од Македонија од соодветните области.

Кандидатите кои успешно ќе ја завршат спроведената обука ќе се стекнат со компетенции и знаење за проектирање на соодветен тип на објекти според Еврокодови, како и сертификат за успешно завршена обука за проектирање на армиранобетонски објекти од високоградба издаден од ИЕГЕ кој е акредитиран од Министерството за образование и наука.

Планирано е да се организираат обуки за три групи распоредени во различни временски периоди, почнувајќи од месец септември со првата група на заинтересирани. Максималниот број на кандидати во една група изнесува 20. Во текот на обуката кандидатите ќе добијат печатен материјал со разработени практични примери.

Еврокодовите придонесуваат за безбедност и заштита на државјаните во работната средина на Европска Унија и се засновани на најдобрите научни препораки. Република Македонија како земја кандидат за членство во Европска Унија, преку Институтот за стандардизација ги има усвоено европските стандарди за проектирање – Еврокодови.

Во тек се пријавувањата, за повеќе информации контактирајте: info@iege.edu.mk; 02 30 91 931