Илузиите се разбиени, Европа влегува во рецесија, нè чека долга и студена зима

136

Руска воена интервенција во Украина, нерамномерно закрепнување од пандемијата, суша на поголемиот дел од континентот, висока инфлација – тоа се фактори кои носат со себе огромни неизвесности во однос на економската иднина на Европа. Националните влади брзаат да им помогнат на најранливите, а поради сета оваа нервозна конфузија, постои општ консензус: доаѓа рецесија, пишува Економист.

Колку ќе биде болен падот зависи од тоа како ќе се апсорбира овој енергетски шок и како ќе реагираат креаторите на јавните политики на него.

Европската економија влезе во криза во релативно силна позиција. Пазарот на трудот е сè уште релативно здрав, а невработеноста се движи околу 6,6 проценти. Растот на платите најверојатно ќе се забрза во наредните месеци. Инфлациските очекувања донекаде стивнаа, а потрошувачката не падна толку, пренесува Бизпортал.рс.

Економија во слободен пад

Сепак, работите ќе изгледаат значително помрачни за неколку месеци поради три причини. Прво, индустријата е под притисок. Во пролетта, лидерите на најголемите европски производители тврдеа дека пребрзото прекинување на снабдувањето со руски гас ќе значи економска криза за целиот континент. Но, и покрај високите цени, индустриското производство засега останува на претходните нивоа. Причината е следна:

– Тоа се повратни нарачки од претходниот период – објаснува Михаел Хутер од Германскиот економски институт.

Тие заостанати работи, се разбира, нема да траат вечно, а некои показатели за блиска иднина се прилично мрачни. Потоа следува пад кој ќе се одрази со слабеење на глобалната, а особено на кинеската економија. Како што забележува Робин Брукс од Институтот за меѓународни финансии, ваквиот пад може да означи пресвртница во економскиот циклус.

Индустриите источно од Рајна ќе бидат најпогодени. Нездравото потпирање на Германија од кинески клиенти значи пад на побарувачката за нови стоки низ синџирот на снабдување. Се чини дека во слободен пад е и италијанската индустрија. Полска и Чешка, се исто така исклучително ранливи. Исклучок е Унгарија, каде што производството се шири со здраво темпо, благодарение, меѓу другото, на бумот на електричните возила и долгорочните договори за енергија.

Друга причина за загриженост е тоа што услужниот сектор ќе ја превземе борбата на распаднатите европски економии на свои раменици. Сезоната во Франција и на југот на Европа беше навистина силна, туристите многу ги искористија заштедите за време на пандемијата, па туризмот дополнително се зголеми во текот на летото. Но, расположението паѓа бидејќи потрошувачите веќе ги стегаат ремените како подготовка за долга, студена зима. Услугите веројатно ќе стагнираат во наредните месеци, при што недвижностите и транспортот се соочуваат со особено сериозни тешкотии.

На крајот, Европа речиси сигурно ќе доживее енергетски шок што ќе се совпадне со зголемувањето на каматните стапки. Европската централна банка (ЕЦБ), заедно со многу светски централни банки, сериозно го потцени растот на цените, па сега е решена да ја врати годишната инфлација на околу 2 отсто, по алармантните 9,1 отсто забележани во август. Оттука, економистите очекуваат дека банката во борбата против инфлацијата ќе се обиде да ги зајакне своите капацитети преку зголемување на каматните стапки. Очекувано, приносите на европските краткорочни и долгорочни обврзници пораснаа во изминатиот месец. И покрај тоа, еврото продолжи да паѓа, паѓајќи на паритет со доларот за прв пат по две децении. Тоа е, исто така, уште една грижа за креаторите на политиките на континентот – послабата валута ја поттикнува инфлацијата со поскап увоз, погодувајќи ги реалните приходи, а со тоа и потрошувачката.

Сето ова речиси гарантира дека европската економија сигурно ќе влезе во рецесија, предводена од Германија, Италија и Централна и Источна Европа. Аналитичарите на банката JPMorgan Chase очекуваат годишни стапки на раст од минус два отсто во четвртиот квартал од оваа година, минус 2,5 отсто за Франција и Германија и минус три отсто за Италија. Италијанските проблеми и високиот долг може потенцијално да предизвикаат нервоза на пазарите на еврообврзници. Европските политичари потрошија многу време размислувајќи како да одговорат на скокот на цените на енергијата. Наскоро ги чека многу поголема криза.