Индексите на Волстрит стагнираа, инвеститорите претпазливи

На Волстрит, берзанските индекси останаа главно непроменети бидејќи пазарот не успеа да се опорави од остриот пад претходниот ден, кога американската централна банка сигнализираше дека има намера да го забави темпото на намалување на каматните стапки.

Dow Jones зајакна 0,04 отсто, на 42.342 поени, додека S&P 500 загуби 0,09 отсто, на 5.867 поени, а индексот Nasdaq загуби 0,10 отсто, на 19.372 поени.

Откако прексиноќа потонаа за повеќе од 2,5 отсто, на почетокот на вчерашното тргување, индексите пораснаа. Сепак, обидот за опоравување не успеа, а тие придобивки подоцна избледеа.

ФЕД не брза, инвеститорите се разочарани од забавувањето на намалувањето на каматните стапки
Новите макроекономски показатели ги потврдија пораките на лидерите на ФЕД од овонеделната седница дека економијата постојано расте, дека пазарот на трудот е сè уште силен и дека инфлацијата се уште е над целните нивоа на ФЕД.

Вчера беше објавено дека американскиот бруто домашен производ (БДП) пораснал за 3,1 отсто на годишно ниво во третиот квартал, што е повисоко од првата проценка за раст од 2,8 отсто.

Затоа, ФЕД нема причина да брза со нови стимулации. Дотолку повеќе што годинава во три наврати ги намали каматите, вкупно за еден процентен поен.