Индустриското производство за 12,2% намалено во февруари

50

Индустриското производство во февруари оваа година, во однос на истиот период лани, е намалено за 12,2%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2021 година, во однос на февруари 2020 година, бележи опаѓање од 28,9%, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 11,2%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 2,2%.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во февруари 2021 година, во однос на февруари 2020 година, бележи опаѓање кај Енергија за 28,4%, Капитални производи за 197%, Трајни производи за широка потрошувачка за 23,8% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 10,5%, додека пораст бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 3,8%.

Индустриското производство во периодот јануари – февруари 2021 година, во однос на периодот јануари – февруари 2020 година, е намалено за 12,8%.

Фото: Pexels