Стапката на инфлација во Хрватска, мерена преку индексот на потрошувачките цени, во јули изнесуваше 2,3 отсто на годишна основа, објави во средата Централниот завод за статистика (ДЗС), продолжувајќи го повеќемесечниот тренд на забавување на инфлацијата на годишна основа.
ДЗС ја објави првата проценка на индексот на потрошувачките цени, според која стапката на инфлација во јули 2024 година е 2,3 отсто во однос на јули 2023 година, додека во однос на претходниот месец, односно јуни годинава, таа остана на исто ниво.
По 3,7 отсто во април, 3,3 отсто во мај и 2,4 отсто во јуни, инфлацијата го продолжи трендот на забавување на годишна основа, при што јулскиот раст на потрошувачките цени од 2,3 отсто е најнизок од јуни 2021 година, кога изнесуваше два проценти.
Гледано според главните компоненти на индексот, проценетата годишна стапка на инфлација за услугите е 5,8 отсто, за групата во која храната, пијалаците и тутунот се 1,9 отсто, индустриските непрехранбени производи без енергија 0,7 отсто, додека за енергетиката пад од 0,1 отсто, се наведува во соопштението на ДЗС.
На месечно ниво, во однос на јуни 2024 година, цените во енергетската компонента се зголемени за два отсто, услугите за 1,9 отсто, а храната, пијалаците и тутунот за 0,2 отсто. Истовремено, според првата проценка, цените на индустриските непрехранбени производи без енергија паднаа за 3,2 отсто.