Инфо сесија: Права и обврски што произлегуваат од Законот за работни односи

13

foto-ssk

Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа инфо сесија со фокус на две значајни теми Приоритетни прашања и проблеми за промена на Законот за работни односи и Дискусија на тема практиканство: потреби, искуства и предлози, стои во соопштението.

Настанот овозможи интерактивна дискусија и размена на искуства помеѓу сите учесници, со цел да се дојде до заклучоци за надминување на постојните бариери во процесот на законска имплементација и изнаоѓање на соодветни решенија како и подготовки за нов закон како потреба и иницијатива за регулирање на практиканството во нашата земја.

Ова е првата инфо сесија за годинава од вкупно предвидените 20 коишто ќе се одржат во повеќе градови од Република Македонија на значајни економски теми, со цел започнување и разговори со бизнис заедницата, институциите, експертите за одредени прашања што ја засегаат правната усогласеност на компаниите.

Александар Зарков, извршен директор на Сојуз на стопански комори на Македонија истакна дека темите коишто ќе бидат разработени на предвидените инфо сесии, произлегуваат од истражувањето во коишто беа вклучени микро, мали и средни компании со цел да се детектираат и решат предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење.

“Компаниите во нашата земја, особено микро и малите, поради ограничените ресурси, не можат да ги следат честите промени во законодавството. Затоа, потребна е нивна едукација, обука за практична имплементација на Законите, а најважно од сè консултација при креирање на нова законска регулатива или измена на веќе постоечката. Токму во таа насока за прв пат сите четири комори заеднички  работат за подобрување на деловниот амбиент. На информативните сесии, заедно со компаниите, експертите и надлежните институции ги детектираме пречките коишто ја отежнуваат практичната имплементација на законите, по што ќе произлезат конкретни мерки коишто ќе бидат доставени до надлежните институции за успешна и доследна примена на Законската регулатива како услов за регулирање на значајни економски сфери“, изјави Зарков.

На информативните сесиите ќе бидат опфатени следните теми: даноци, работни односи, пазарна инспекција, лиценци за угостителска дејност, земјоделство и животна средина. Предавачи ќе бидат истакнати експерти во наведените области, кои ќе ги доближат до учесниците законските регулативи на овие теми и ќе поттикнат дискусија. Предлозите од бизнис заедницата ќе бидат дополнително разработени и доставени до Владата на Република Македонија.

“Во изминатиот период активно се посветивме на низа активности, со кои целиме кон подобрување на правната усогласеност на компаниите како и подобрување на механизмите за дијалог помеѓу бизнис секторот и владините институции. Преку зајакнување на соработката и развивање на алатки за комуникација помеѓу сите релевантни чинители, се надеваме дека ќе го подобриме процесот на застапување на интересите на бизнис заедницата и ќе овозможиме интегрирање на сите страни во процесот на креирање подобра бизнис регулатива. Ги охрабруваме компаниите да се вклучат во овие настани коишто ќе следат во наредните неколку месеци и да се вклучат во решавањето на оние проблеми кои најмногу го засега нивното работење и успех“, изјави Тамара Тодоровска, ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал.

За вклучување на бизнис заедницата од цела Македонија, преку регионалните комори информативни сесии ќе се одржат во: Куманово, Тетово, Кавадарци, Битола, Струга, Охрид, Неготино, Дебар, Прилеп, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани, Кичево и пет во Скопје, со што ќе бидат покриени сите плански региони.

Во наредниот период проектот ќе продолжи да работи на конструктивни решенија за подобра правна усогласеност на компаниите и поддршка на механизмите за јавно – приватен дијалог помеѓу сите засегнати страни. Сите проектни активности ги спроведува ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал и четирите клучни партнери: Стопанска комора на Македонија; Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на Стопански Комори на Македонија. Преку активно учество во имплементацијата на проектот, коморите воедно ќе ги зајакнат и сопствените капацитети за подобро да ги застапуваат микро, малите и средните претпријатија.