Инфраструктурниот развој носи економски и развој на туризмот

10

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и од советниците, Фидан Колев, за транспорт и врски и Виктор Петрушевски, за локална самоуправа, имаше состанок со претставници на Советот за развој на Пелагонискиот регион, претседателката на Советот и градоначалничка на Битола, Наташа Петровска и со членовите на Советот, градоначалници на општините коишто припаѓаат на овој регион.

На состанокот заеднички е констатирано дека инфраструктурниот развој носи и економски развој и развој на туризмот и во таа насока се поздравени заложбите на Владата за подобрувањето на квалитетот на живот на сите граѓани во државата и отвореноста на Владата за соработка и поддршка на планските региони и на локалната самоуправа.

Посебно е разговарано за активностите во насока на значителен развој на Пелагонискиот регион, како територијално најголем плански регион во нашата држава.

Од страна на премиерот Заев и на вицепремиерот Битиќи и министерот Бочварски се објаснети постапките во инфраструктурните проекти, како што се клучните делници за патно поврзување на овој регион со другите региони, гасификацијата и во делот на животната средина, решавањето на прашањето со депониите, како клучни прашања за коишто имаше изразен интерес за разговор.

„Наша цел е забрзан економски развој на државата и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и во градовите и во селата и отпочнати се сериозни проекти во делот на патната инфраструктура, водоводите и канализациите, затоплувањето, зелената енергија, гасификацијата, за коишто има обезбедено и инвеститори и средства од државата”, рече премиерот Заев.

Вицепремиерот Битиќи нагласи дека има сеопфатен пристап на капиталните инвестиции и определеност за нивна реализација во кратки рокови, секаде каде што е тоа можно, како и дека се работи на повеќе поголеми капитални инвестиции, коишто ќе придонесат во развојот и на Пелагонискиот регион. Министерот Бочварски нагласи дека во делот на патиштата во овој плански регион, фокусот е на експресниот пат Градско – Прилеп и на делниците Прилеп – Битола и Битола – Меџитлија.

На состанокот се поздравени напорите на премиерот Заев и на Владата за исчекори во евроинтеграциите и паралелно со тоа решавањето прашања од секојдневниот живот на луѓето во земјава.

Фото: Freepik