Инсекти кои се употребуваат за човечка исхрана од аспект на безбедност на храната

5

Иако употребата на инсектите за исхрана на луѓето или ентомофагијата традиционално се практикува во различни земји со генерации и претставува заедничка диететска компонента на разни видови животни (птици, риби, цицачи), сепак одгледувањето на инсекти кои се користат за исхрана на луѓето и како храна за животни е релативно нова гранка. Производството на овој мини добиток (mini-livestock) со себе носи неколку потенцијални придобивки и предизвици.

До неодамна инсектите кои се употребуваат за исхрана на луѓето најчесто се собираа од дивината, но интересот за одгледување на инсекти наменети за исхрана на луѓе и животни се зголемува. Можноста да се одгледуваат во мали, модуларни простори, го прави изводливо нивното одгледување во рурални, како и во урбани средини. Ниската количина на јаглерод што се емитува, како и помалата потрошувачка на вода поврзани со производството на инсекти споредено други видови на добиток, го прави нивното одгледување привлечно од гледна точка на одржливост на животната средина.

Генерално, инсектите кои се употребуваат за исхрана на луѓето се добар извор на протеини, масни киселини, витамини и минерали, иако нутритивниот профил зависи од видот на инсектите. Исто така, инсектите можат да бидат нутритивно корисни и да претставуваат одржлив извор за производство на храна за животни. Овие фактори ги прават инсектите потенцијална можност за решавање на проблемите поврзани со храната поради зголемувањето на глобалното население без истовремено да и се наштети на животната средина.

Во таа насока, Организацијата за храна и земјоделство објави документ во кој се обезбедува преглед на различните проблеми со безбедноста на храната што можат да бидат поврзани со инсектите кои се употребуваат за исхрана на луѓето.

Публикацијата, пред сè е наменета за експерти од областа на безбедност на храната, лица инволвирани во процесот на креирање политики, истражувачи, производители на инсекти, како и потрошувачи. Во публикацијата се дискутира за правните рамки што го регулираат производство, трговијата и потрошувачка на инсекти во различни региони.

Оваа публикација содржи и преглед на некои од поголемите предизвици, како што се прифаќање од страна на потрошувачите и зголемување на производството, прашања што индустријата треба да ги надмине итн.

Публикацијата може да се преземе на следниот линк: http://www.fao.org/3/cb4094en/cb4094en.pdf

Фото: Pexels