Инспекциските служби се важен контролен механизам за правилно спроведување на здравствените протоколи

23

Вчеравечер, заменик на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, имаше работна средба со дел од инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). На средбата се разговараше за активностите на инспекторите од овој инспекторат во изминатите девет месеци, а повразани со контролите на терен што ги спроведуваат за почитување на здравствените протоколи и материјалните закони. Вицепремиерот Николовски посочи дека сите инспекциските служби се важен контролен механизам за правилно спроведување на секоја уредба, одлука, протокол  и мерка, што се преземаат за спречување на ширење на коронавирусот.

“Законот мора да важи за сите. Правилата, протоколите и мерките мора сите да ги почитуваме, а инспекторите се таа нераскинлива алка којашто обезбедува редот да владее секаде во општеството. Ги охрабрувам сите инспектори да постапуваат во делот на спроведување на протоколите, затоа што наша највисока цел во овие тешки моменти е да го заштитиме здравјето на сите граѓани. Затоа мора сите да се однесуваме одговорно, да ги почитуваме мерките и протоколите, да направиме се што е во наша можност, и на тој начин да се заблагодариме и на здравствените работници, и на инспекторите, на полицијата, на армијата и на сите служби коишто деноноќно се ангажирани за полесно да ја пребродиме оваа здравствена криза“, изјави вицепремиерот Николовски

Инспекторите од ДПИ го информираа вицепремиерот Николовски, за текот на контролите, состојбата со почитувањето на здравствените протоколи од страна на правните субјекти, кадровската екипираност на инспекторатот,проблемите со кои се соочуваат на терен при контролите. Од вицепремиерот добија уверување дека Владата веќе ја разгледува анализата од Инспекцискиот совет за зајакнување на кадровската екипираност на инспекторатите, и секаде кадешто има потреба, за следната година ќе бидат предвидени нови вработувања, со цел да се обезбеди непречено функционорање.

Инспекторите потенцираа дека по две недели од стапување на сила на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се зголемија нивните надлежности, има намалување на бројот на затворени објекти, помалку кривични и прекршочни пријави. Вицепремиерот Николовски, порача дека сите инспекциски служби имаат целосна поддршка од Владата на РСМ, и дека нема да има толеранција за прекршителите на здравствените протколи.

Инаку изминатите шест (08.11-13.11.2020) дена, Државниот пазарен инспекторат спроведе 92 надзори и 3.049 контроли во угостителски објекти, казина и обложувалници низ целата држава. При тоа, на лице место, привремено се затворени 4 објекта, и тоа два во Охрид, еден во Дебар и еден во Врапчиште,  поради прекршување на здравствени протколи и на Законот за зштита на населението од заразни болести, односно за работа по 21 часот.