Интерактивен форум за директната поврзаност на родовиот баланс со деловниот успех на ИКТ компаниите

19

19b26c53-48b5-436e-9344-212c31e39952

Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) во соработка со Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME) на Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементирана од Свисконтакт и Преда Плус, на 7 април во Скопје ќе организира интерактивен форум за зголемување на конкурентноста, профитабилноста и одржливиот развој на компаниите од индустријата за информатичките и комуникациските технологии (ИКТ). Овој настан е дел од серијата на активности на МАСИТ за промоција и актуализирање на темата за воведување на родово-сензитивни политики и практики за менаџмент со човечките ресурси во компаниите, особено во оние од ИКТ секторот, којашто започна со почетниот настан кој беше одржан на тема “Како да ги задржите вашите вработени”, со посебен фокус на жените вработени во ИКТ индустријата.

На интерактивниот форум, покрај презентацијата на светските трендови за надминување на родовиот дисбаланс во овој сектор, ќе се посвети посебно внимание на состојбата на ИКТ индустријата во Македонија и колку домашните компании ги следат светските практики во насока на подобрување на родовиот баланс. Една од главните теми на форумот ќе биде и улогата на жената во семејството и општеството и колку компаниите во своите политики ги земаат предвид барањата кои произлегуваат од креирањето еднакви услови за професионален и кариерен развој на мажите и жените. Споделувањето и препознавањето на веќе докажаните модели и мерки за родов баланс е и клучен чекор кон акција за да се постигне родова еднаквост и зајакнување на позицијата и улогата на жената во општеството и индустријата.

На настанот свое учество ќе земат експерти од Хрватска кои пред ИКТ компаниите од земјата ќе презентираат алатки и успешни примери за надминување на родовиот дисбаланс, но и за подобрување на профитабилноста и ефикасноста на компаниите.

Истражувањата на европско ниво покажуваат дека инвестициите во родовата разновидност и активниот приод кон привлекување и искористување на талентот и потенцијалот на жените е можност за поефикасно решавање на деловните предизвици и за подобрување на работењето на компаниите. Влијанието на таквите решенија, во крајна линија резултира со зголемување на профитабилноста на компаниите, подобрени решенија за клиентите, зголемена мотивација и продуктивност кај вработените и намалување на степенот на одлив на вработени.

Настанот ќе се одржи на 7 април во хотел Стоун Бриџ во Скопје, со почеток од 15:00 часот и е од отворен карактер за сите компании од ИКТ индустријата.