
На Вослтрит вчера, S&P 500 и Nasdaq индексот благо пораснаа, најмногу благодарение на растот на цените на акциите на технолошките компании, а тргувањето беше претпазливо по извештајот за инфлацијата во САД.
Dow Jones загуби 0,20 отсто, на 34.575 поени, додека S&P 500 зајакна 0,12 отсто, на 4.467 поени, а индексот Nasdaq зајакна 0,29 отсто, на 13.813 поени.
Извештај за инфлација со фокус на инвеститорите
Инвеститорите се фокусираа на извештајот за инфлацијата, кој покажа дека потрошувачките цени во САД пораснале за 0,6 отсто на месечна основа во август, што е највисоко годинава, додека се повисоки за 3,7 отсто на годишна основа.
Зајакнувањето на инфлаторните притисоци во најголем дел е последица на растот на цената на нафтата во тој месец. Базичната стапка на инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата, се зголеми во август за 0,3 отсто на месечно ниво и за 4,3 отсто на годишна основа, побавно од еден месец претходно.
Забавувањето на базичната стапка на инфлација ги охрабри инвеститорите и ја поддржа тезата дека американската централна банка нема дополнително да ги зголемува каматните стапки во септември.
„Мислам дека ФЕД не сака да го шокира пазарот со ново зголемување на каматните стапки за 0,25 процентни поени, кога се очекува да ги задржи каматните стапки непроменети. Сепак, не е исклучено уште едно зголемување на каматните стапки до крајот на годината. “, вели Викторија Фернандез, стратег во Crossmark Global Investment.