Фото: Ford
Автомобилските гиганти BMW, Ford, Daimler и Volkswagen, заедно со своите помали производители, го формираа конзорциумот Ionity, чија што основна задача ќе биде изградба на мрежа на станици за брзо полнење на електрични автомобили низ Европа.
Првите 20 вакви станици ќе бидат отворени во Австрија, Германија и Норвешка до крајот на оваа година, а на почетокот на 2018 година треба да бидат активни околу 50 станици. До крајот на следната година во земјите низ Европа ќе бидат поставени 100, а до 2020 година целта е да бидат отворени 400 станици. Се планира да се изгради мрежа во којашто станиците ќе бидат оддалечени најмногу 120 километри за возачите да можат безгрижно да го планираат својот пат.
Локациите на станиците ќе бидат избрани според најфреквентните транспортни рути во Европа, а благодарение на партнерствата со неколку ланци на бензински пумпи понатамошното ширење не би требало да претставува проблем.