Истевнички Кукуље – нова туристичка атракција во земјава

125

Агенција за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) во партнерство со Општина Делчево го реализираше проектот за уредување и означување на туристички локалитет Истевнички Кукуље, којшто претставува природна реткост. Согласно проектот, Агенцијата за туризам соодветно го обележа овој нов туристички локалитет и постави опрема која може да се користи од страна на туристите (маси, клупи, летниковец, како и корпи за отпадоци).

Дополнително, за да оваа туристичка атракција добие на атрактивност, општина Делчево ја уреди планинската патека од Истевник до Разловци со соодветна маркација со бои, информативни табли и патокази. Со комплетирање на овој проект туристите добија уште една дестинација за одмор и рекреација, но и за развој на активен туризам на 880 метри надморска височина, со опција за искачување на врвовите во околина кои достигнуваат до 1.900 метри.

Со означувањето и уредувањето на оваа уникатна релјефна појава, се отвора можност да се видат карактеристичните форми на камени кукли кои се наоѓаат на околу 200 метри должина и на кои се формирани 50-тина земјени пирамиди со висина до 15 метри. Дел од нив наликуваат на човечки фигури – камени кукли, но и покрај легендите, науката тврди дека тие настанале со вековната ерозија на трошните седиментни карпи.

Овој проект претставува позитивен пример за соработка помеѓу локалната и централната власт и несоменено ќе придонесе да се збогати туристичката понуда на Општина Делчево и регионот. Туристичкиот локалитет Кукуље е втор по важност од овој вид во РС Македонија и се очекува да го посетат домашни и странските туристи кои се фокусирани на авантуристичкиот туризам.