ИТ компанијата ДФ Лабс инвестира во Македонија

23

dflabs Италијанската ИТ компанија ДФ Лабс ќе инвестира во Македонија. Директорот на компанијата Дарио Форте и координаторот за развој на производи Давиде Бошчироли веќе се во посета на Македонија за да ја регистрираат фирмата и да почнат со процесот на вработување.
Планирано е да вработат најмалку 20 висококвалификувани кадри – програмери од Македонија. Компанијата е позната во ИКТ секторот во областа на сајбер безбедноста и форензичката анализа, а соработува со меѓународни компании како што се ИБМ и НАТО. Посетата на претставници од италијанската компанија во Скопје е резултат на активностите на економскиот промотор Иван Илиев во Италија.
“Ги поканивме да дојдат во Македонија. После неколкуте посети во текот на изминатите три месеци, горди сме да објавиме дека италијанската ДФ Лабс, ја заснова ДФ Лабс Интернационал во нашата земја. Ова е одличен пример на високо квалитетна и брзорастечка бизнис ориентирана компанија која може да донесе брза одлука за работење во Македонија. Овој проект ќе исплаќа натпросечни плати, ќе вработи млади талентирани дипломци и ќе креира трансфер на најнови практични знаења во технологијата”, изјави министерот за странски инвестиции Џери Наумоф.
Менаџментот на компанијата се одлучил да инвестира во Македонија поради поволната даночна политика, оперативните трошоци и добрата ИТ инфраструктура.
“Се сретнавме со министерот Наумоф во Италија и бевме импресионирани од неговите познавања за нашиот сектор и нашата компанија. Министерот веднаш ги препозна нашите потреби и уште на првата средба ги имаше скоро сите одговори што ни требаа. Што е најважно, добивме исклучителна поддршка од членовите на неговиот кабинет. Добиваме помош во секој момент и никогаш се немаме почувствувано сами. Ова треба да послужи за пример за многу земји, вклучувајќи ја и нашата”, истакна Дарио Форте.
Покрај Македонија, италијанската компанија како опции за инвестирање ги разгледувала и Индија, Виетнам и Србија. Раководството на италијанската компанија се сретна и со претставници на Универзитетот за информатички науки и технологии Св.Апостол Павле од Охрид, со кои потпишаа меморандум за соработка за отворање на лабораторија во рамки на универзитетот, во која ќе се ангажираат програмери за истражувања за одговор на инциденти и пробиени податоци.
Се сретнаа и деканот на Факултет за информатички науки и компјутерско инжинерство при скопскиот Универзитет Св. Кирил и Методиј со кој ги договорија следните чекори за соработка.