Извозот за четири месеци падна за 21,6%, а увозот за 16,7%

32

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 1.619.002.000 евра и бележи пад од 21,6% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 2.292.050.000 евра, што е за 16,7% помалку во споредба со истиот период од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 673.048.000 евра.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 70,6%.

Во периодот јануари – април оваа година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргуваше со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1  и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Фото: Freepik