Јакоб Фас: Треба да се инвестира во хај-тек индустријата

20

unnamedВо просториите на  Центарот за развој на претрпиемачи и менаџери ЦЕЕД Македонија, вчера се одржа нетворкинг настан на тема Искуства и практики при инвестирање и водење бизнис во Израел.

Специјален гостин на настанот беше господин Јакоб Фас од Израел, претседател и извршен директор на JFI-Ltd и партнер во најголемата инвестициска куќа во Европа Cukierman Investment House, со седиште во Израел.

На средбата се диксутираше за бизнисот во Израел, каде старт-ап бизнисите се во подем и котираат одлично на бизнис сцената, а за развој на една добра бизнис идеја се инвестираат и до три милиони долари.

Господинот Фас говореше и за своето лично искуство како бизнисмен и инвеститор во Израел, каде бројката на Venture capital, или ризични фондови е дури 1.600.

Тој нагласи дека инвестирање во хај-тек индустријата во Македонија е повеќе од потребно и дека стартапите треба да ги развиваат своите идеи, водејќи се потребите на модерното време. Фас додаде и дека био, нано и сајбер индустриите се моментално најпотребите и најбараните индустрии во светот и токму тие привлекуваат најголем број на инвестиции.

Venture capital фондовите во Израел постојат од 1996 година, а во просек владата во оваа земја годишно одвојува 100 милиони долари, од кои добар дел од нив одат за старт-ап бизниси. За една идеја да прерасне во профитабилен бизнис, во Израел се потребни 3 до 6 години, односно штом производот/услугата ќе стане препознатлив/а за луѓето.

Господинот Фас нагласи дека образованието е секако важно, но не е пресудно за добра бизнис идеја.

“Стив Џобс и Бил Гејтс без диплома успеаја да ги изградат најмноќните компании во светот. Доколку постои добра бизнис идеја и план како истата да се оствари, образованието не е од пресудно значење”.

Присутните претприемачи и менаџерии имаа можност да се приклучат на дискусијата поставувајќи прашања за актуелните проблеми на бизнисот во Македонија, на кои господин Фас ги изнесуваше своите гледишта и совети.

“Владата треба да вложи средства, да ги организира фондовите за поддршка на старт-ап бизнисите и да ги повика идните претприемачи кои имаат бизнис идеи, истите да ги презентираат. Распределбата на средствата треба да биде направена од професионален тим.”

Според Фас, најчесто првиот прилив на пари за започнување на бизнис доаѓа од фамилијата и пријателите, а потоа следуваат приватните фондови. Лично за него, главни параметри потребни за да инвестира во одреден бизнис се регистриран патент/производ и секако можност за развој и профит на бизнисот.