Јапонската влада сакала да ги спои Nissan и Honda

55

Официјални лица на јапонската влада неуспешно се обиделе да иницираат разговори за спојување меѓу Nissan и Honda.

Како што пренесува Financial Times, кој се повикува на свои извори, Nissan и Honda биле “мета“ на јапонската влада за спојување на двете автомобилски компании за создавање на една далеку поголема јапонска автомобилска групација. Оваа идеја, за прв пат им била претставена на двете компании кон крајот на 2019 година, но истата била одбиена.

Засега Nissan, Honda и канцеларијата на јапонскиот премиер Шинзо Абе одбиваат да коментираат на оваа тема и немаат официјална изјава.

Причината за ваквите идеи на јапонската влада е поради стравот дека алијансата на Nissan со Renault би можела да колабира, со што компанијата ќе остане изложена на неизвесност и ризик, сметаат експертите. Renault и Nissan имаа турбулентен период во својата врска, особено по апсењето на Карлос Гон.

Според некои информации, причината за тоа што воопшто не дошло до сериозни разговори за спојување меѓу Nissan и Honda било поради тоа што раководните лица на Honda имале проблем со капиталната структура на Nissan каде удел има Renault. Од друга страна, луѓето во Nissan процениле дека во моментов е подобро да останат во својата актуелна алијанса со француската компанија.

Во мај годинава, Renault, Nissan и Mitsubishi најавија реорганизиран бизнис план со кој секоја компанија добива регион на кој ќе се фокусира. Според тоа, Nissan ќе се фокусира на пазарите во Кина, Северна Америка и Јапонија.

Nissan, исто така, има четиригодишен план за реструктуирање што вклучува намалување на глобалното производство за 20 проценти и намалување на својата гама на 55 возила од актуелните 69 продукти. Компанијата планира и да претстави нови верзии на 12 возила во следните 18 месеци.

Преземено од Avtoplus.mk