Јавен повик за доделување средства од Програмата за заштита на потрошувачите

11

Министерството за економија објави јавен повик за доделување финансиски средства од Програмата за заштита на потрошувачите за периодот 2015 – 2016 година за реализација на програма (проект), во износ од 550.000 денари, што ќе го реализираат здруженијата на потрошувачите.

За добивање на средствата неопходно е програмата (проектот) да предвидува организирање регионални семинари во Скопје и Охрид за информирање на учесниците за координирани активности во надзорот на пазарот за подобрување на безбедноста на производите и услугите, како и подготовка и печатење на летоци и брошура за правата на потрошувачите и нивна промоција на отворени трибини со граѓаните во трговските центри во Скопје, Битола и Струмица. Покрај тоа, треба да има информации за алтернативни форми за решавање на потрошувачките спорови, финансиска поддршка на здруженијата на потрошувачите за членарина во Европската и Светска потрошувачка организација.

Право на учество на повикот имаат здруженијата на потрошувачи кои најмалку една година спроведуваат активности и проекти од областа на заштита на потрошувачите и претходно не добиле средства за истата намена. Понудите за доделување на средствата ќе ги разгледува комисија формирана од Министерството за економија, а одлука за доделување на средствата донесува министерот за економија на база на предлог на комисијата.

Понудите може да се достават преку пошта на адресата ул. Јуриј Гагарин бр. 15 во Скопје или со предавање во архивата на Министерството за економија, секој работен ден од 9 до 16 часот, а крајниот рок за прием е 16 февруари 2015 година до 16 часот. Јавното отворање ќе се изврши на 18 јануари годинава во 11 часот во просториите на Министерството за економија.