Јавен повик за користење средства од ИПАРД во втората половина на јануари

20

Во втората половина на јануари 2015 година ќе биде објавен Јавен повик за доставување барања за користење финансиски средства од петтата компонента на Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на ЕУ (ИПАРД Програма за периодот 2007 – 2013 година), соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Финансиските средства од ИПАРД Програмата 2007 – 2013 во врска со спроведување на овој Јавен повик се наменети за инвестиции на земјоделските стопанства, за инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибни производи и за диверзификација и развој на руралните економски активности.

Претстојниот јавен повик на ИПАРД програмата овозможува зголемени можности во однос на типот на инвестиции, поголем обем на потенцијални корисници, можност за набавка на различна земјоделска механизација (вклучувајќи и трактори), како и зголемени финансиски лимити за крајните корисници на финансиската поддршка.

Огласот ќе трае најмалку 45 дена од денот на објавување на Јавниот повик во дневните весници. Потребната документација за подготовка и поднесување на барања, вклучително и Упатствата за корисниците на средства од ИПАРД ќе бидат ажурирани и објавени на веб страницата на Агенцијата.

Подетални информации во врска со типовите на инвестиции, критериумите за добивање на финансиска поддршка, висината на поддршката по мерки заинтресираните можат да ги добијат во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Информации за изготвување и доставување на барања, како и бесплатни практични совети за аплицирање, заинтересираните земјоделски производители можат да добијат во регионалните центри на Агенцијата.