ЈАВЕН СЕКТОР: Најголем број на вработени во образованието и здравството, јавниот сектор “старее“ !

Во Собранието и во Регулаторните тела заголем број на вработени на годишно ниво, во институциите задолжени за безбедноста и одбрана – намалување. Објавен е Регистерот за вработени во Јавниот сектор за 2024 та – со задоцнување за што веќе пишуваше “Бизнис-инфо“. Според податоците во Јавниот сектор во работен однос се 127. 322 лица. Најголемиот број на вработени во јавниот сектор се во Јавните установи од здравството, образованието, труд и социјала.

“Во однос на 2023 година, бројот на вработените во институции од јавниот сектор е намален за 1547. Важно е да се напомене дека вкупниот број на вработените во јавниот сектор не соодветствува со вкупниот број на пополнети работни места, од причина што има вработени пред сѐ во областа на образованието и во здравството кои пополнуваат работни места во две или повеќе институции на јавниот сектор (наставниците кои немаат полн фонд на часови се ангажираат во две или повеќе училишта, а професорите од медицинскиот факултет пополнуваат работни места и во здравствените установи и на факултетите)“ – се наведува во Извештајот на Министерството за администрација.

Во институциите задолжени за безбедноста, одбраната, јавниот ред и мир се вработени 18.652 лица и во однос на 2023 та бројот е намален за 58. Конкретно во Армијата се вработени 6.973 цивилни лица, во Министерството за внатрешни работи 11.029, во Агенцијата за разузнавање работат 244, а во Агенцијата за национална безбедност 375 луѓе. Во оваа група е и Фнансиската полиција каде работат 31 лице.

Додека во оваа група на безбедносни институции, на годишно ниво има намалување на бројот на вработени, во Собранието и во Регулаторните тела бројот е зголемен. “Бизнис-иноф“ направи споредба на бројот на вработени во однос на 2023 та.

-Во Собранието во 2024 та биле вработени 308 додека во 2023 та, 267 луѓе.

-Во Регулаторните тела во 2024 та бројот изнесувал 442 а во 2023 та биле регистрирани 419 вработени.

-Пораст на бројот на вработени имало и во Самостојните државни органи – односно само во 12 институции од оваа група, меѓу кои Агенција за администрација, Централен регистер, Државен завод за ревизија, Антикорупциска комисија, ДИК, Комисија за заштита од конкренција, во 2024 та работеле 819 лица.

Позначајно зголемување на бројот на вработени има во Влада на РСМ – во 2024 та 353 што е за 82 повеќе во однос на 2023 та, кога биле регистрирани 271 вработени лице. На ниво на министерствата пак има намалување на бројот на вработени – во 2024 та, 4.621 лице. Во групата ресори со најголем број на вработени се Минситерството за земјоделство со 946, Министерство за финансии 629 и Министерство за одбрана со 604 вработени.

На годишно ниво зголем е и бројот на врботени во Самостојни органи на државната управа – па така во Народоната банка работат 458 лица, кај Народниот правбранител 90 а во Уставен суд на РСМ 59 лица или во овие три институции во 2024 та биле регистрирани 607 вработени што е за 17 лица повеќе во однос на 2023 та.

Најголемиот број на вработени во јавниот сектор се во Јавните установи од здравството, образованието, труд и социјала.

“Во рамките на јавните установи најмногу вработени има во установите од областа на образованието 37.557, по што следуваат установите од областа на здравството 19.071, установите од областа на труд и социјала 7.210, установите од областа на културата 3.305, установите од областа на правдата 1.002, установите од областа на животната средина 123 и установите од областа на информатичко општество 4 вработени“ – се наведува во Извештајот на Министерството за администрација.

Во 2024 та просечната возраст на вработените во јавниот сектор била 46,61 години додека во 2023 та изнесувала 46,22 години, што значи дека продолжува трендот на “стареење“ на јаваната управа и администрацијата. Податоците покажуваат дека 29, 55% од вработените се на возраст од 36 до 45 години, што е и најбројна возрасна група.

“Во возрасната група 46-55 години  припаѓаат 28.97% вработени, возрасната група 56-64 години опфаќа 23.69%,  вработените на возраст 26-35 години имаат удел  од 15,78% во вкупниот број вработени во јавниот сектор. На возраст од 18 до 25 години се 1, 75% од вработените, а најмалку застапена е возрасна група над 64 години во која припаѓаат 0.27% од вработените“ – се наведува во извештајот.

Д.А.