
Светот е доволно голем за да просперираат и Соединетите Американски Држави и Кина, изјави американската министерка за финансии Џенет Јелен на крајот од нејзината посета на Пекинг со цел да се стабилизираат односите меѓу двете најголеми економии во светот.
Јелен рече дека имала директни, значајни и продуктивни разговори со новото економско раководство на Кина, вклучително и со премиерот Ли Кианг и Пан Гонгшенг, новоименуваниот шеф на централната банка на Комунистичката партија на Кина.
„Ниту една посета нема да ги реши нашите предизвици преку ноќ. Но, очекувам дека ова патување ќе помогне да се изгради еластичен и продуктивен канал на комуникација“, рече Јелен на прес-конференција во Пекинг.
Таа додаде дека смета дека билатералните средби, одржани во претходните два дена, придонеле американско-кинеските односи да се стават на посигурна основа.
Заменик-министерот за финансии на Кина, Лиао Мин, рече дека двете страни имале „долги и искрени“ состаноци и дека ќе ја задржат комуникацијата во иднина.
Патувањето на Јелен ја означи втора посета на официјален претставник на американската влада на кинескиот главен град за неколку недели додека Вашингтон се обидува да ги врати односите со Пекинг на вистинскиот пат по неколкумесечни тензии.











