Министерството за животна средина ќе поднесе предлог до Владата за затворање на Југохром бидејќи не ги испочитувала обврските за монтирање филтри, изјави денеска во Скопје министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, пишува Миа.
Тој појасни дека Југохром требаше да се усогласи со Оперативниот план и да добие интегрирана еколошка дозвола, меѓутоа минатата година компанијата не ги исполнила условите, по што Владата и даде можност во октомври, лани, дополнителен рок од две години под услов првите шест месеци да сработи нешто на терен.
“За жал, веќе се поминати два пати по шест месеци, а тие имаат изработено нешто на хартија, но на терен ништо. Нашите инспекциски служби кои извршиле увид на терен констатирале дека компанијата нешто започнала околу одобрението и проектот за изградба, кажале дека имаат некои договори за изведбени работи, но на терен ништо не се одвива, ниту еден градежен зафат. Нашиот став е дека ваквите компании кои се несериозни и не ги почитуваат законите треба да се затворат се додека не ги исполнат условите“, рече министерот Изаири на новинарско прашање по обраќањето на работилницата „Енергетско моделирање во рамките на климатските промени и СОР 21“.
Тој најави дека тие ќе предложат компанијата да се затвори, а потоа, согласно законот според кој за компаниите кои до април 2014 година немаат добиено интегрирана еколошка дозвола, Владата треба да донесе одлука.
Додаде дека во таа компанија работат 1.100 лица и тие не треба да останат на улица, но вели не треба да се поигрува и да се политизира со животот на луѓето кои живеат во тој регион.