Југословенски црвен киоск поставен на Тајмс Сквер во Њујорк

На Тајмс Сквер во Њујорк, минувачите можат да го видат познатиот киоск К67, којшто  постари граѓани од балканските простори го паметат како место каде купувале цигари, билети за превоз и слична стока од секојдневието, а понекогаш и хот – дог.

Денес, во централниот дел на Њујорк, во него ништо не се продава, но познатиот црвен киоск служи како диџејски штанд за пуштање музика. Поставен е во рамки на проектот Times Square Transmissions 2021, којшто според авторите, има за цел да ја приближи музиката до публиката, но и вкусовите и архитектурата од различно време.

Како што пишува Startit, киоскот К67 е дело на словенечкиот индустриски дизајнер и архитект Саша Махтиг и претставува една од најпрепознатливите одлики на поранешна Југославија. Модуларниот дизајн и структурата на челик, стакло и фиберглас беше еден од ретките експериментални проекти од 60-тите години на минатиот век кои доживеале производство. Поради компактниот дизајн и лесната конструкција, беше можно да се комбинираат голем број индивидуални единици.

Во 1999 година, производството на киосци беше запрено, а дотогаш беа произведени околу 7.500 модули. Иако повеќето останаа во Југославија, голем број киосци беа извезени во странство, вклучително и во Полска, Ирак, Кенија, Нов Зеланд, Јапонија, поранешниот Советски сојуз, но и во САД. Прототип  на киоскот од 1966 година сè уште се чува во Музејот на модерна уметност (МоМА) во Њујорк.

Фото: Screenshot (Youtube)