Јужна Кореја претвора хотели во станови

112

Властите во Јужна Кореја ќе купуваат недвижнини за да го ублажат проблемот со високите цени и недостигот од станбен простор за изнајмување, објави тамошниот министер за финансии.

Во следните две години владата ќе го зголеми бројот на станови во државна сопственост предвидени за изнајмување за 114.000, а со оваа мерка се очекува да се реши станбеното прашање на многу млади луѓе во земјата.

“Хотели ќе бидат претворени во ценовно прифатливи, квалитетни станови за самци“, вели тамошниот министер за земјиште, инфраструктура и транспорт, Ким Хун – ме.

Бројот на самци во Јужна Кореја, од 2015-та до 2019-та година, порасна за 18% на 6,15 милиони. Скоро секое трето домаќинство во Јужна Кореја спаѓа во оваа категорија.

Овој предлог се надоврзува на повеќе од 20 мерки со коишто владата од 2017-та година се обидува да го запре наглиот раст на цените и кириите на станбените недвижнини и покрај построгите прописи за хипотеки и висина на данок на имот.

Мерките како што е ублажување на ограничувањето за висина на зградата и претворање на воени објекти во станбени единици на краток рок не го решија проблемот со недостиг од станбен простор.

Земјата ја разви програмата Jeonse којашто предвидува кираџијата при потпишување на договор да уплати депозит за изнајмување на станот на две години, што заменува месечна кирија. Сопственикот на станот може да го користи за инвестиции во имотот, а по истекот му го враќа полниот износ на кираџијата.

Фото: Freepik