“Кафеанско подземје“ – забранети забави во време на пандемија

34

Иако забавите и собирањата се забранети поради пандемијата, сепак тие и понатаму се организираат. Организаторите на тајни забави не запираат, а “кафеанското подземје“ станува сè поактивно, пишува српски Блиц.

Ограничување на работното време на кафулињата и забрана за собирање не само што ги “предизвикаа“ младите да смислуваат начини како да организираат тајни забави, туку и сериозни угостители од Србија, кои успеваат да пронајдат начин да заработуваат.

Сè, како што пишува Блиц, функционира како во филмовите – многу организирано, прецизно водено и на крајот максимално внимателно.

“Прво преку доверливи луѓе мора да се распрашаш кои кафеани работат ноќе. Втор чекор е да се препорачаат кај сопственикот или менаџерот на локалот којшто мора да биде сигурен дека сте лице од доверба, што нема да му го загрози ‘бизнисот’. Потоа доаѓаш на список на доверливи гости, но тука не е крај на правилата. Едно од основните е забрана за паркирање пред кафеаната. Задолжително е кога ќе стигнеш да заѕвониш на број и на крајот да ја кажеш шифрата што е однапред договорена“, вели една жителка на Белград, која неодамна била во помала кафеана во српската престолнина во која, како што вели, на секоја маса има по најмногу пет или седум лица.

Како што додава таа, на правилата им нема крај. Постои список на работи што гостите мора да ги почитуваат кога се во кафеаната, како што е забрана за користење на мобилен телефон, камера и сликање, а од време на време во текот на вечерта добиваат и предупредување.

Еден добавувач за пијалаци од Белград вели дека многу често функционира концептот Speak Easy. Станува збор за коктел барови кои намерно го имитираат концептот на барови во Њујорк за време на прохибицијата. Тие се легални, само намерно немаат обележје, а се наоѓаат во сокриени места во центарот на Белград, примаат помалку гости.

Друга страна на приказната е дека забавите кои од угостителските објекти се преселени во приватни куќи или станови. Тоа иако е против сите мерки, апели и препораки, им пружа прилика на сопствениците на туристичко сместување, да заработат од издавање на простор, најчесто викендички и куќи на периферија на градот. И тука постојат строги правила, а интересно е дека музиката најчесто е онлајн.

Фото: Freepik