Како да донесете правилна одлука за време на криза?

265

Донесувањето на одлука претставува сложен и важен процес за секого од нас. Доколку сте се нашле во ситуација да донесете важна одлука од којашто ќе зависат многу работи, па дури и вашата иднина, тогаш сигурно ја знаете тежината и одговорноста што ја носи сето она што ѝ претходи на една донесена одлука.

Во услови на криза, како што е оваа во којашто се наоѓаме сега, дополнително го усложнува процесот, бидејќи неизвесноста е многу поголема исто како и ризиците.

Сепак, ако треба да донесете важна одлука и во вакви услови, тогаш овие совети се за вас.

Имајте ја целата слика пред себе

Иако не се препорачува важни одлуки да се носат ако ризиците, неизвесноста и притисоците се големи, сепак за да се одржи работата во контиунитет мора да внимавате кога носите одлука во вакви услови. Најважно е да ја имате целата слика пред себе, односно предвид да ги имате сите можни сценарија, фактори што директно или индиректно би влијаеле врз исходот од донесената одлука. Затоа, бидете претпазливи и внимателно разгледајте ја целата ситуација, анализирајте како работат останатите, што советуваат експертите.

Не избрзувајте

Брзоплетоста не значи дека спретно сте ја завршиле работата, туку сте оставиле простор за многу грешки. Секоја одлука треба претходно добро да се осмисли, да се направи анализа, да се консултирате со колегите и дури потоа да го повлечете клучниот потег. Бидете смирени, иако ситуациите понекогаш налагаат да реагирате брзо. Кренете “рачна“, составете ги сите делови од сложувалката и претпазливо следете ја ситуацијата. Една пребрзо донесена одлука може подоцна скапо да ве чини.

Непромислени одлуки може подоцна скапо да ве чинат

На пример, не посегнувајте веднаш по намалување на бројот на вработени или нивните плати. Направете анализа на финансиската состојба, побарајте мислење од консултант или вашиот сметководител. Можеби подобро е да скратите на некои непотребни и високи трошоци или да се лишите од некои работи што во моментот не се приоритет. Вработените треба да ги сметате за поддршка, па штом заврши кризата многу полесно ќе продолжите со работа со засилено темпо. Ако веднаш почнете да ги отпуштате, создавате дополнителни трошоци за подоцна.

Зборот криза читајте го како зборот предизвик

Наместо да се стегате и да се плашите, дозволете кризата во вас да ја разбуди креативноста и поривот за менување на нештата на подобро. Затоа, не дозволувајте психозата да ги држи конците “во свои раце“. Бидете самоуверени, верувајте во себе и во својот тим и заеднички ќе истраете во ова време што носи повеќе и помалку пријатни предизвици.

Фото: Pixabay